Често поставувани прашања
ПРАШАЊА ОД БЕЗБЕДНОСНО-РАЗУЗНАВАЧКИ СИСТЕМ
1. Што е безбедносно-разузнавачки систем (БРС)?
Органите (институциите) на државна управа и вработениот персонал во нив, на кои им е задача да се грижат за безбедноста и одбраната на државата преку превентивно делување со
користење на методи на разузнавање и контраразузнавање.
2.Што е тајна полиција?
Тајна полиција се однесува на цивилната разузнавачка служба/и во државата, која/кои имаат полициски овластувања т.е. овластувања да приведува/ат. Во Р. Македонија терминот тајна полиција најчесто се користи само за УБК.
3. Што е разузнавање?
Процес од 4 фази - на собирање, обработување, анализа на безбедносни информации, кој завршува со изготвување на план за превентивно делување за заштита на интересите на државата.
4. Што е контраразузнавање?
Процес од 4 фази - на собирање, обработување, анализа на безбедносни информации, кој завршува со изготвување на план за превентивно делување за заштита на уставниот поредок, спречување на најтешки облици на организиран криминал и тероризам како и во насока на откривање странски агентурни мрежи кои делуваат против интересите на државата.
5. Што се подразбира под терминот „службите“ во безбедносна смисла?
Терминот „службите“ се однесува на сите органи (институции) во државната управа чија задача е да се грижат за безбедноста и одбраната на државата преку превентивно делување со користење на методи на разузнавање и контраразузнавање.
Под „службите“ во Република Македонија се подразбираат:
- УБК - Управата за безбедност и контраразузнавање, со сите нејзини правни претходници: ДБК, СДБ, УДБ-а и ОЗНА.
- АР - Агенција за разузнавање
- ССВБиР - Сектор-Служба за Воена безбедност и разузнавање, со сите нејзини претходници: XII контраразузнавачка управа, ОБ, КОС и ВОС.
- Ј-2 - Разузнавање, контраразузнавање и безбедност при Генералштабот (ГШ) на АРМ, со нејзината претходничка: II управа - Воена разузнавачка служба на ГШ на ЈНА.
- Управа за финансиско разузнавање при Министерство за финансии.
- Управа за финансиска полиција при Министерство за финансии.
- Царинска управа при Министерство за финансии.
- Единица за следење на комуникациите при МВР т.н. V-та управа на МВР сместена во Телеком (УБК си има своја V-та управа односно денешен Сектор за оперативна техника).
- ОТА - Оперативно-Техничка Агенција - сместена на 3-ти кат во зградата на Телеком.
6. Што е разузнавач?
Лице вработено во безбедносно-разузнавачки орган, кое е испратено во странска држава да собира информации за иселениците, како и за лица кои можат да претставуваат безбедносна закана за државата која го испраќа.
Ова лице конкретно може да биде вработено во: Агенција за разузнавање (Директорати...), УБК (сектор/управа 1), ССВБиР (Одд. за разузнавање 1 и 2), Ј-2 - Сектор за разузнавање (Одд. за разузнавање).
Работно место:
Тип А.
Неговото работно место е во странска држава каде Р. Македонија има интереси. Тоа лице најчесто е вработено во дипломатско-конзуларните претставништва - ДКП-ата на Р. Македонија и најчесто има дипломатски статус, па затоа доколку направи инцидент бива протерано од таа држава, но не и притворено/затворено.
Тип Б.
Поретко лицето може да биде пратено на прикриена операција во странска држава каде Р. Македонија има интереси. Во тој случај неговото престојувалиште е обезбедено од јатак-соработник на
разузнавачките служби на Р. Македонија. Јатакот најчесто е лице државјанин на Р. Македонија, иселено во таа држава.
Доколку ова лице биде откриено од тамошната контраразузнавачка служба ќе биде прогласено за шпион, и ќе му се суди за шпионажа, додека Р. Македонија ќе биде обвинета за вршење на шпионажа и
непријателско делување во таа држава, а Р. Македонија овие обвинувања категорично ќе ги отфрли како неточни и официјално ќе се произнесе дека нема никаква врска со тоа лице. Подоцна доколку и
контраразузнавачките служби на Р. Македонија откријат шпион на таа дадена држава на територија на Р. Македонија тогаш може да дојде до договор за тајна размена на овие лица. Иако често можат да
настанат и други типови на размена, не е морално секогаш да биде шпион за шпион, предмет на размена можат да бидат и безбедносни информации итн...
Опис на работа:
Разузнавачот го врши само првиот дел од разузнавачкиот процес - собирање на информации поврзани со безбедноста на неговата држава.
7. Што е контраразузнавач?
Лице вработено во безбедносно-разузнавачки орган, кое делува на домашна територија и собира информации за домашни и странски лица кои можат да претставуваат безбедносна закана за државата.
Ова лице конкретно може да биде вработено во: Агенција за разузнавање (Директорат за безбедност), УБК, ССВБиР (Одделение за безбедност и Одделение за контраразузнавање), Ј-2 - Сектор за разузнавање (Одделение за безбедност и контраразузнавање), Управа за финансиска полиција (Сектор за криминалистичко разузнавачка анализа), Управа за Финансиско разузнавање и Царинска управа.
Работно место: на територија на Р. Македонија.
Опис на работа:
Контраразузнавачот го врши само првиот дел од контраразузнавачкиот процес - собирање на информации поврзани со безбедноста на неговата држава, при што контактира со информатори и други лица што даваат информации, селектира лица кои би можеле да бидат информатори, превзема активности за регрутирање на информатори и учествува во мерки и активности за заштита на идентитетот на информаторите и лицата што даваат информации и за безбедносна заштита на сите учесници во системот за управување со информатори.
8. Што е алијас?
Двоен идентитет, односно алтернативни документи со иста слика а различни основни податоци (име, презиме, адреса, ЕМБГ) издадени на еден ист човек.
9. Што значи фразата „еднаш удбаш секогаш удбаш“?
Најчесто разузнавачите „не можат“ баш туку така да ја напуштат службата - забранет им е излез од државата, ќе бидат следени, не смеат да работат 2-3 години во струката, и
заради тоа кога сакаат да ја напуштат УБК бараат преместување во БЈБ т.е. во обичната полиција. За тоа пак да им биде одобрено се нафаќаат на повремени услуги кон службата т.е. да бидат соработници,
и така најчесто секој бивши разузнавач станува кодош, а во некои случаи кодош и провокатор.
Па имаме еден пластичен пример во Македонија кога еден професор, поранешен припадник на УБК, кој потоа преминал во БЈБ пред целосно да го напушти МВР и да стане професор, сведочи на суд дека бил
сведок на тоа како некој друг бил примен преку ред од страна на еден доктор на клиника, а судот по сведочењето на професорот, на докторот му одредува 1 година затвор за делото. Таквите работи а
најверојатно и други слични работи им се „карта“ на разузнавачите за НАДВОР од службата.
10. Што е агентурна мрежа?
Агентурната мрежа или мрежа на агенти ја сочинуваат сите разузнавачи и контраразузнавачи на една безбедносно-разузнавачка служба.
11. Што е пријателска служба?
Разузнавачка служба на друга држава која соработува со нашата држава и која доколку дојде до безбедносно-разузнавачка информација за закана по безбедноста на Република
Македонија ќе ја сподели со нашите разузнавачки служби.
12. Што е разузнавачко-оперативна врска или информатор?
Разузнавачко-оперативна врска или Информатор - лице кое е во можност да дава разузнавачки податоци од интерес на разузнавачката служба, за дома или во странство, кое во своето
ангажирање применува мерки на тајно собирање на податоци и кое може да биде странски и/или наш државјанин.
Разузнавачко-оперативната врска или Информаторот сам изготвува извештај по собраните информации и го доставува до оперативниот работник (разузнавач или контраразузнавач) во чија агентурна мрежа се
наоѓа.
Превод: човек кој некогаш работел во службите, но потоа си дал оставка или бил отпуштен од работа. За време на работењето во службите поседувал неколку идентитети т.н. алијаси, од кои по
напуштањето на службата се одлучува понатаму да користи само еден. Идентитетите можат да бидат слични меѓу себе (Ѓорѓи Сенов, Ѓорги Сенов, Ѓорѓе Сеновски, Ѓорѓија Сеноски...; понекогаш се променети
и датумот и местото на раѓање), а понекогаш целосно различни (Горан Грујовски со алијас Владимир Варелов).
По напуштањето на службата се вработил на некое друго место, и пак се нашол на позиција од која може да збира информации. Кога на службата или партијата ќе им стане предмет на интерес
институцијата/фирмата или лице/лица вработено/и во неа, информаторот ќе почне да собира информации и да праќа извештаи до службата, за што му следува награда.
13. Што е оперативец-припадник?
Оперативец-припадник - врши работи во разузнавачкиот центар, потцентар или пункт во земјата, во странство или вграден во други органи и тела на РМ во странство.
Превод: Македонец вработен во УБК, АР, ССВБиР, или Ј-2 кој е пратен на работа во странство во нашите ДКП-а (дипломатско конзуларни претставништва - односно амбасада или конзулат) и таму има
увид во информациите со кои работат вработените а поврзани со нашите граѓани во таа земја. Доколку биде откриен во прикриена операција во тамошната држава ќе го осудат или протераат за шпионажа.
Во озбилните држави се бават со собирање на безбедносни податоци кои ги праќаат дома со цел да се превенира. Пример за тоа би било список со осуденици од таа држава, евентуално список од осуденици
кои биле осудени во предмет во кои на судиите им бил потребен сертификат за државна тајна за да знае неговата матична држава и за нејзините гранични служби на време да бидат подготвени доколку такво лице влезе на нивна територија врз истото да се врши надзор за време на неговиот целокупен престој.
Во нашата држава тоа означува да се кодошат македонските бизнисмени и да се превенира да не се појави некој неконтролиран бизнисмен кој не му одело во Македонија па да му тргнало во странство, па да се работи на тоа тој некако да се стави под нога.
14. Што е соработник?
Соработник - домашен или странски државјанин, кој свесно, тајно, континуирано и организирано собира податоци и известувања, или извршува други задачи за потребите на органот за (контра)разузнавање.
Превод: Кодош, слично како и горе за „Разузнавачко-оперативна врска“, само со таа разлика што овој не е и никогаш не бил вработен во разузнавањето, не изготвува извештаи туку дава му дава изјава на записник на (контра)разузнавачот и исто така прима надомест во форма на НАГРАДА што подразбира пари или друг имот.
15. Што е соработник-двојник?
Соработник-двојник - лице кое најчесто од материјални побуди едновремено работи за две или повеќе служби, а за тоа не знае ниту една од нив.
Превод: не треба.
16. Што е соработник-резидент?
Соработник-резидент - лице кое оперативниот орган за разузнавање го овластува да држи во врска еден или повеќе соработници.
Превод: не треба.
17. Како се станува соработник?
Соработник на било која разузнавачка служба според закон се станува со доброволна пристапница (која не секогаш е доброволно пополнета и потпишана од новиот соработник).
Соработниците од страна на оперативните работници во службите (инспекторите) секогаш се водат под кодни имиња (псевдоними).
Соработникот, заснова трајна врска со службата и поради тоа добива награда - најчесто во пари, во форма на редовен месечен надоместок, или годишна исплата. (денес постои претежно месечната исплата).
Трајната врска може да биде прекината на два еднострани начини: едниот е соработникот своеволно да изјави дека сака да ја прекине соработничката врска, а вториот е службата да го извести дека
информациите кои ги доставува веќе за неа не се од безбедносно-интересен карактер т.е. дека се безвредни, и неговата услуга веќе не и потребна, по што и во двата случаи се врши конечно
наградување т.е. исплаќање и соработникот се дерегистрира од соработничката мрежа.
Соработничката работа и дерегистрацијата е прекината во многу ретки случаи, најчесто таа трае до самата смрт на соработникот, но и тука не прекинува, туку најчесто ја наследува некој од неговите
домашни.
18. Како се вреднуваат информациите што ги даваат соработниците?
Соработникот информациите што ги дава низ текот на животот како сурови податоци се носат на анализа во службата каде што се цени нивниот карактер, потоа според нив се прави
разузнавачки продукт односно претпоставен факт, по кој се прави даден план и се дава наредба на оперативци најчесто припадници на II, III управа за делување на терен.
Според тоа - земено во проценти колку од претпоставените факти на аналитичарите се докажале како вистински по спроведување на операции базирани на нив се вреднува колку е веродостоен соработникот
т.е. колку му се точни информациите. Врз база на ова се прават две работи:
прво се одредува висината и формата на надоместокот, и
второ - соработникот се означува со степен „Не правилно точен“ „Релативно точен“ „Секогаш точен“.
Од ваквото бележење доколку соработникот живее или делува во околина која е од високо безбедносно интересен карактер а истиот е означен како „Секогаш точен“ и истиот даде информација за некој
настан кој треба да се случи, службата го означува како ИТЕН и веднаш се подготвува акција по дадените информации.
19. Што е разузнавачки потпор?
Разузнавачки потпор - граѓанин на земја која разузнавачки се третира.
Превод: Човек кој своите идеали ги гледа во странски систем, и дава разновидна поддршка за разузнавањето на странската држава да делува во неговата држава. Доколку биде откриен од домашната
полиција ќе биде осуден за соработка со непријателот, или друга странска држава.
20. Што е општествена врска?
Општествена врска - лице, странски државјанин кое разузнавачките оперативни органи го користат за прибирање на разузнавачки информации. Тоа се главно странски лица на повисоки
општествени функции.
Превод: не треба.
21. Што е пријателска врска?
Пријателска врска - лице, странски државјанин кое оперативниот орган за разузнавање го користи за прибирање на разузнавачки материјал врз база на лично познантство или
пријателство.
Превод: не треба.
22. Што е посредник?
Посредник - лице, наш државјанин, кое одржува врска меѓу разузнавачкиот оперативен орган во земјата и оперативните врски во странство.
Превод: не треба.
23. Што е врзник?
Врзник - лице, со двојно државјанство (наше и странско), кое одржува врска меѓу разузнавачкиот оперативен орган во земјата и оперативните врски во странство.
Превод: не треба.
24. Што е информант?
Информант - оперативна врска која несвесно дава информации од интерес на разузнавачката служба.
Превод: НАЈГОЛЕМ ДЕЛ ОД ГРАЃАНИТЕ КОИ СЕ СМЕТААТ ЗА ЖРТВИ НА ОЗНА, УДБ, СДБ, ДБК, УБК.
Во смислата: Оперативецот, или информаторот прашува: „Тето братучед ми сега со кого е на одмор?“ - тетка му одговара: „Па со Петре, Трајче, другарите, отидоа во Охрид.“ Оперативецот/информаторот:
„Ами тој едниот нели нешто имаше проблеми со полиција?“ Тетка му: „Сега е смирен, со братучед ти мислат нешто да отвораат некој кафиќ да земат.“ - и ете го оперативецот/информаторот пишува службена
белешка/извештај: „Лице тоа и тоа, во соработка со мојот братучед планира да отвора кафиќ кој многу веројатно ќе биде дувло во кое ќе се договараат следни криминали. Извор: Трајанка Трајанова“
уствари тетката на оперативецот/информаторот.
На жената ни крива ни должна и е „залепена“ ознака дека и таа е информант – несвесен кодош и е жигосана за цел живот без дури ни да знае за тоа. Овој модус е најмногу распространет во отворените
досиеја од страна на Владата на Љубчо Ѓеорѓиевски во 2000 година.
25. Што е кодош?
Кодош – човек кој никој за ништо не го прашал на своја лична инцијатива собира информации за други лица и истите доброволно ги рапортира кај заинтересирано лице. Кодошот
посакува награда но експлицитно истата не ја бара туку првично кодоши за да предизвика штета на кодошениот. Награда зема само доколку истата му биде понудена со цел за понатамошна и поквалитетна соработка.
Понекогаш народски терминот „кодош“ се користи и за: информаторите, информантите, доушниците, а по некогаш дури и за сите вработени во разузнавачките и контраразузнавачките служби.
26. Што е „доушник“?
Често луѓето прават забуна околу тоа што означува терминот „доушник“ па најчесто помислуваат на тоа дека тоа е лице кое тајно скришно му соопштува односно му шепоти на уво на некое заинтересирано
лице, само што ова е погрешно сфаќање.
Терминот „доушник“ е алтернативен термин за терминот „дослушник“ односно лице на кое „му се дослушнуваат“ разни информации и тие информации на одредено време му ги пренесува на некое заинтересирано
лице, под закана или уцена.
Заинтересирано лице може да биде: полицаец, (контра)разузнавач, бизнисмен, криминалец, или некој друг кој некако го „држи“ за некое кривично дело или тежок срам за него или за нему блиско
лице.
27. Како соработниците, информантите и кодошите ја добиваат материјалната (непарична) корист?
Илустративно во некој ригорозен случај би можело и ден денес (како и во Југославија) да се изведе кодошот да му ја земе куќата на комшијата по следниов редослед. КОДОШОТ вика: „За награда ја сакам
куќата на комшијата.“ УБК го известува МВР за ситуацијата, МВР ја известува Владата за ситуацијата, Владата преку Министерството за транспорт и врски врши ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА на куќата (му ја одзема)
на сопственикот со објаснување дека е за општо добро (во минатото се користел и терминот НАЦИОНАЛИЗАЦИЈА), и го обесштетува сопственикот т.е. комшијата во случајов. Потоа Владата носи одлука дека
се изгубил општиот интерес за општото добро, и ја пренесува куќата во сопственост на МВР. МВР го реализира предлогот на УБК и КОДОШОТ ја добива куќата како награда, и во катастар под основ на
стекнување на право на сопственост ќе се запише „подарок“.
28. Што претставува кодошењето како општествена појава?
Кодошењето како процес е најниската форма на живеење и функционирање на едно демократско суштество, и овие и сличните како нив треба да бидат лустрирани - во однос на тоа да не смеат да вршат јавни
функции - затоа што кај нив нема јавен туку само личен интерес.
Законот за лустрација треба да постои цело време, кодошењето е срам за секој што го прави - заради тоа што секој соработник, информант и кодош добива награда на грб на друг!
29. Што е провокатор?
Провокатор - лице кое може но и не мора да биде вработено во разузнавачките и контраразузнавачките служби. Доколку е вработен во службите тогаш се смета дека тоа е оперативен работник на прикриена
операција (најдобар пример за ова е прикажан во српскиот филм „Професионалец“ преку улогата на синдикалниот водач Јован, за кого поранешниот мајор на државна безбедност Лука Лабан вели „Јован је
био мајстор да побуни раднике“ (прев. Јован беше мајстор да ги крене на штрајк работниците)), доколку не е тогаш се смета за врбен провокатор од службите.
30. Што е опсерватор?
Опсерватор - лице кое прибира разузнавачки информации со лично набљудување и забелешки од разговори со свои врски во странство.
Превод: Кодош во странство.
31. Што е разузнавачка база?
Разузнавачка база - објект на странска или наша територија која служи за илегално сместување, престој или работа на група или поединец (соработник).
Превод: Шпионска база. Доколку биде јавно откриена постои огромна можност за прекинување на билатералните односи меѓу двете засегнати држави, а скоро апсолутно е сигурно дека ќе дојде до
протерување на амбасадорот на земјата шпион од државата во која била лоцирана базата.
32. Што е разузнавачки центар?
Разузнавачки центар (РзЦ) - социјализиран оперативно – разузнавачки орган во земјата или во странство кој организира оперативна дејност во доделената зона на одговорност во поголема длабочина
поради прибирање на разузнавачки податоци од интерес.
Превод: Шпионска база која е маскирана како фирма за нешто.
33. Што е разузнавачки потцентар ?
Разузнавачки потцентар - истурен специјализиран разузнавчко-оперативен орган на РзЦ кој работи на создавање оперативни мрежи на територија на странска држава.
Превод: „Подружница“ на фирмата која ја крие Шпионската база.
34. Што е разузнавачки пункт?
Разузнавачки пункт - седиште на еден оперативен орган, односно оперативец истурен од составот на разузнавачкиот центар или потцентар на одреден правец, кој држи на врска одреден број оперативни
врски во странство.
Превод: не треба.
35. Што е класифицирана информација?
Класифицираната информација е информација чие неовластено откривање би предизвикало штета за работењето на државните органи, единиците на локалната самоуправа и други институции кои се од значење
за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи и безбедносните и разузнавачките активности на органите на државната управа на Република Македонија.
36. Што е безбедносен прашалник? Кој ги собира и проверува податоците наведени во него? Кој издава безбедносен сертификат?
Безбедносен прашалник е формулар кој се пополнува од страна на кандидат за вработување во безбедносно разузнавачките служби. Постојат 4 типа на безбедносни прашалници зависно од степенот на
доверливост за кој кандидатот треба да биде проверен каде ги имаме:
Тип Г - ИНТЕРНО
Тип В -ДОВЕРЛИВО
Тип Б - СТРОГО ДОВЕРЛИВО
Тип А - ДРЖАВНА ТАЈНА
Документите во кои овие степени можат да влезат се службена тајна во однос на цивилниот дел, и воена тајна во однос на одбранбениот и воениот (армискиот) дел.
Податоците кои се наведуваат во формуларот смислата им е кандидатот да им ја олесни работата на службите и доколку за некој од податоците излаже, директно за тоа да понесе кривична одговорност, а не дека органот кој проверува не може да ги провери/пронајде и без формуларот.
За цивилниот дел податоците ги собира УБК, за одбранбениот ССВБиР, и за армискиот Ј2.
Безбедносен сертификат издава ДБКИ (Дирекција за безбедност на класифицирани информации) по препорака на органот кој ја врши проверката. Директорот издава сертификат по слободно убедување без разлика на препораката од безбедносниот орган кој ја извршил проверката и истиот има право да одбие издавање на сертификат без да дава образложение.
37. Зошто партиите се поистоветуваат со службите?
Има служба и во Партијата, а таа станува служба во службата. Луѓето во неа поседуваат значки од државната служба, а не одат на работа во неа. Службата на партијата си ги следи своите членови откако партијата ќе отиде во опозиција. Овие луѓе оформуваат приватни разузнавачки мрежи кои работат на повторно враќање на власт на партијата, а имаат и мобилни опреми за пресретнување на комуникациите.
Секоја партијата, односно владејачка гарнитура, со доаѓањето на власт ја заменува претежно целата затекната постава на службите. Погледнете историски дека „партиските неподобни луѓе“ таму не можат да се вработат.
Најлесен начин да се „исчисти“ службата од старите разузнавачи е со отворање на досиејата на луѓето кои биле водени т.е. „обработувани“ од службите во даден период, со што разузнавачите се доведуваат во ризик, и најчесто сами ја напуштаат службата, а често и државата.
* Кој нема да биде избркан? -Архиваторите (тие горе-доле знаат се што се случува, па се трајно врзани), специјално ангажирани вештаци, како балистичари и форензирачи, посебно талентирани луѓе, како на пример: пејачи и стриптизери, или луѓе со трајна пореметеност, на пример клептомани.
Останатите кои биваат отстранети од службата, се отстранети: со добивање отказ, со долготрајно оддалечување од работното место (за време на целиот мандат на новата владејачка гарнитура), а дел од нив се и ликвидирани.
38. Што означува Ј2/Г2 во армијата?
Воено земено овие ознаки се користат уште од Втората Светска војна.
Во армиите во државите зависно од геоположбата и големината на државата и самата организација на армијата военото разузнавање може да биде заедничко за сите директорати или поделено на пешадиско, морнаричко и авијациско.
Букви кои се користат во ознаките се J/G/N/A.
J - Joint Staff Directorate (прев. Директорат на здружените сили)
G - Ground Directorate (прев. Пешадиски директорат)
N - Navy Directorate (прев. Морнарички директорат)
A - Air Force Directorate (прев. Воздухопловен/Авијациски директорат)
Броевите после буквата 1/2/3/4 ги означуваат директоратите во армијата, каде:
1 - персонал
2 - разузнавање
3 - операции
4 - логистика
* останатите директорати (цивилно-воени операции, финансии, итн.) се различни во различни држави.
Во армијата на САД секој воен род (пешадија/морнарица/авијација) има свое воено разузнавање па така ги има следниве:
G-2 Intelligence (Ground Directorate of Intelligence)
N-2 Intelligence (Navy Intelligence)
A-2 Intelligence (Air Force Intelligence)
J-2 Intelligence (Joint Staff Directorate)
- каде Ј-2 се однесува на генералштабот односно Пентагон.
Во Република Македонија чија армија претежно е составена од пешадија и мал дел од авијација разузнавањето е заедничко и затоа го обележуваме како Ј-2 каде Ј доаѓа од англискиот збор "joint" што означува „здружен“ и истото е лоцирано во Генералштаб на АРМ.
ПРАШАЊА ОД КОДОШЕЊЕ
1. Што е интересна личност?
Личност која има иновативни и прогресивни идеи, високо интелигентни личности кои успеваат да се изборат со партиските политики, да излезат надвор од кругот на политиката, да
основаат независни бизниси чие делување сеуште не и познато на македонската политика а истовремено е во рамките на законот.
2. Како службите/партиите делуваат против интересните личности?
Ги менуваат моменталните закони и прописи со цел во моментот кога новиот закон или пропис ќе стапи на сила интересната личност да не биде информирана односно народски кажано „да биде фатена на кондиција“ и во тој момент нејзиниот бизнис или идеја да биде незаконски/а а по можност и кривично гонета.
Колку едно лице станува се повеќе и повеќе интересна личност се повеќе и повеќе е опкружено со кодоши кои на дневна основа го поддржуваат и наведуваат да стори криминал, а ако тоа им успее, тогаш интересната личност се става „под нозе“ на службата / партиите, кои веќе ја држат во рака со делото кое го направила.
3. Како знаат службите/партиите кои граѓани да ги прислушуваат?
Информаторите/инфромантите на контраразузнавачите, односно тоа се кодошите од маалата, продавниците, соучениците, наставниците и професорите, колегите од работа, пријателите, понекогаш дури и родителите, прво даваат информации / кодошат за нешто кое физички го слушале лично од вас, а потоа службите одлучуваат дали од тие разговори има или би имало нешто корисно, за вашиот број да би бил ставен на следење.
Пример: „Наставничке ние ќе протестираме за да не полагаме матура!“ и оттука наставничката оваа информација ја пренесува т.е. кодоши на контраразузнавачот во чија соработничка/кодошка мрежа е запишана и така биваат следени организаторите и учесниците на протестот.
4. Кого и зошто се подразбира дека го прислушуваат службите/партиите?
Директорите на државните институции и претпријатија, бизнисмените, новинарите, членовите на своите партии, претседателите на синдикатите, таксистите и шоферите во шпедиција-TIR, професорите, адвокатите и правосудството, и други луѓе со иновативни/интересни идеи и погледи.
Пример: Новинарите - ги прислушуваат за да не објават некоја информација против моменталната политичка власт, бизнисмените - да не го прошират или осамостојат бизнисот, претседателите на синдикатите - за да бидат навреме информирани за евентуални штрајкови и истите по можност да ги спречат затоа што ќе и нанесат дамка на моменталната политика, членовите на своите партии - за да не создаваат самостојни независни канали користејќи ресурси на партијата, таксистите и шоферите - за да разберат што и кого пренесуваат, адвокатите - за да им го разберат планот на одбрана на клиентите пред суд.
5. Дали тие кои физички-лично не кодошат имаат некаков ќар, добивка за тоа што го прават?
ДА. Најчесто добиваат паричен надоместок во износ од 8.000 денари месечно на база на награда. Но многу често наградата е материјална или во форма на услуга.
6. Зошто и во кој случај се врбуваат за кодошење родителите, сопружникот или децата?
Тоа се случува кога лицето кое е предмет на интерес своите комуникации на дневна основа со околината ги свело само на „Добар ден“ односно на фактичка „НУЛА“ и во негова
околина нема никој друг освен родителите, сопружникот или децата за да даваат информации за него на дневна основа.
7. Дали службите и полицијата ги користат децата/малолетниците за кодошење?
ДА, тоа се малолетниците - деликвенти (уживатели или препродавачи на дрога, малолетници во алкохолизирана состојба, малолетничка проституција, децата што просат (питачат)).
8. Посебно место за кодошење во службите има за музичарите - зошто?
Во денешно време претежно по локалите и дискотеките има камери и сликари, но во минатото било заради тоа што свирачот или пејачот стои исправен на бината, најчесто потполно трезен и додека свири/пее може да ја посматра целата публика особено ако среде песна му стаса на синтисајзерот „нарачка за песна „Пази го оној во црвената јакна со плавушата до него““.
9. Зошто во Р. Македонија не е воведно е-учење?
Кога би имало е-учење, не би постоела задолжителна активност за учениците/студентите на час, а доколку не постои таа, професорите нема да можат да посочат интересни луѓе за кодошење.
ПРАШАЊА ОД ПРЕСРЕТНУВАЊЕ И СЛЕДЕЊЕ НА КОМУНИКАЦИИТЕ
1. Како се одвива процесот на прислушување?
Бројот е закачен и снимањето почнува со секое повикување односно пред разговорот да биде започнат, т.е. моментот додека се бира бројот - додека чекате соговорникот да „ви крене“ т.е. да го воспостави повикот - вие се закачувате на базната станица во моментот на притискање на „зелената слушалка на мобилниот“. Присетете се на „бомбите“, секоја „бомба“ почнува со неколку звуци туут-тут-тут, а не директно со „Ало шу праиш?“. Така што доколку зборувате пред да ви кренат од другата страна и тоа се снима.
Секој разговор се зачувува во аудио датотека во следниот формат: 07X-XXX-XXX (vasiot broj), VASE IME I PREZIME, 07X-XXX-XXX BROJ KOJ STE GO POVIKALE, IME I PREZIME NA SOGOVORNIKOT, DATUM I CAS NA RAZGOVOROT, I VREMETRANJE/DOLZINA NA RAZGOVOROT.
2. Што се базни станици?
Засилувачи на сигналот кои го рефлектираат со еднаков квалитет една кон друга со почеток од главната станица (централата на мобилниот оператор). Нивната намена е формирање на мрежна покриеност за Интернет и мобилна комуникација на мобилните телефони и уреди. Доколку една базна станица биде исклучена и нема друга во близина на таа базна станица, мобилните телефони околу нејзе ќе снемаат мрежа. Потребни се три базни станици за формирање на триаголник кој со преклопување на сигналот од сите нив ќе даде конкретна физичка позиција т.е. локација на даден мобилен телефон или уред во дадено време.
3. Што значи незаконско (илегално) прислушување?
Следење на комуникациите без законска наредба од надлежен суд или јавен обвинител.
4. Колку време се чуваат СМС пораките во серверите на мобилните оператори?
Според закон минимум до 3 години, просечно до 5-10 години, но зафаќаат многу малку простор, па се исплаќа и засекогаш да се чуваат.
5. Дали ден-денес се пресретнуваат писмата (пишаната комуникација, т.е. поштата) и пратките?
ДА.
6. Дали може дефинитивно и севкупно да се прислушува целиот телефонски сигнал во целата држава одеднаш?
Да, ако нареди врховен суд, и во случај на војна.
7. Кого според законот, т.е. според надлежноста и според описот на работа службите можат да го прислушуваат?
- АР – може со своја опрема да пресретнува комуникации (прислушува) во странство.
- ОТА по добивање наредба од Јавен Обвинител или судија од Врховен суд ќе стави комуникации на следење на цивилно лице вработено во Министерството за Одбрана и содржината ќе ја испрати до ССВБиР како надлежна за цивилниот персонал вработен во Министерство за Одбрана.
- ОТА по добивање наредба од Јавен Обвинител или судија од Врховен суд ќе стави комуникации на следење на воено лице вработено во Министерството за Одбрана или АРМ и содржината ќе ја испрати до Ј-2 при ГШ на АРМ како надлежна за воениот персонал вработен во Министерство за Одбрана и АРМ.
- ОТА по добивање наредба од Јавен Обвинител или судија од Врховен суд ќе стави комуникации на следење на цивилно лице кое се товари за финансиски криминал или финансирање тероризам и содржината ќе ја испрати до барателот на таквата информација – а тоа можат да бидат: Финансиска Полиција, Управа за Финансиско Разузнавање или Царинска Управа како надлежни да постапуваат по овие дела.
- ОТА по добивање наредба од судија од Врховен суд ќе стави комуникации на следење на цивилно лице кое се товари за тероризам и/или тежок облик на организиран криминал кои е/се насочен/и кон рушење на уставниот поредок и содржината ќе ја испрати до Секторот за Оперативна Техника (V-та управа) на УБК како барател на таквата информација која е надлежна да постапува по овие дела.
- ОТА по добивање наредба од јавен обвинител или судија ќе стави комуникации на следење на цивилно лице кое е предмет на криминалистичка обработка поврзано сериозен и организиран криминал и содржината ќе ја испрати до Единицата за следење на комуникации при МВР (т.н. V-та управа на МВР) како барател на таквата информација која е надлежна да постапува по овие дела.
8. Што е тоа снифинг?
Снифинг претставува процес на пресретнување на интернет сообраќајот, т.е. „слушање“ на интернет линијата, во смисла на читање на активностите (логот) кои ги прави корисникот за време на прелистувањето (сурфањето) на Интернет. Овде најмногу страда HTTP протоколот на размена на податоци, односно податоците внесени на веб страна која започнува со „http“ наместо со „https“ можат да бидат прочитани како обичен текст.
9. Дали ОТА може да ја пресретне е-поштата (е-маилот)?
ДА. Можат да побара дадена електронска пошта (е-маил) да биде ставена на следење и секоја порака која се испраќа и пристигнува на е-поштата да им се препраќа и нив, но под услов да докажат дека имаат основани сомненија за дадено кривично дело кое го врши или го извршил сопственикот на е-поштата.
10. Дали се пресретнуваат VoIP (Скајп, Вибер, Фејсбук)?
- Вибер - ДА, компанијата која го изработува софтверот во својата политика на користење и во својата политика на приватност на корисниците вели дека „Секоја пратена порака се задржува на серверите на Вибер најчесто помалку од 1 секунда колку што и најчесто е потребно да стигне до својата дестинација. Како и да е доколку истата не стигне за максимум две недели ќе биде избришана од нивните сервери.“
Нова промена е тоа што ваквата поставеност на нејзината политика за приватност ја оправдува компанијата да не соработува со безбедносните служби.
Тоа што е важно и што треба да се заклучи од ова е дека сепак постои место каде што се снимаат пораките за разлика од Briar, и истото тоа место може да биде хакирано и комуникацијата да биде пресретната и трајно складирана.
- Фејсбук е многу рестриктивен и пристап до одредени кориснички сметки (акаунти) во реално време единствено дозволува на безбедносни служби на оние локации низ светот во кои има поставено и физички сервери. Во Македонија сервери на Фејсбук НЕМА! Службите можат да побараат од Фејсбук да следат комуникација на даден корисник за одреден минат период, но не во реално време.
- Скајп е многу рестриктивен и пристап до одредени кориснички сметки (акаунти) во реално време единствено дозволува на безбедносни служби на оние локации низ светот во кои има поставено и физички сервери, а такви има само во САД.
11. Дали ви се случило интернетот да ви отвора во еден момент само 2-3 веб страни и дали знаете што тоа значи?
Тоа е процес на „тортлинг“, односно успорување (како движење на желка) со кој се филтрираат барањата за поврзување со веб страните кои чекате да ви се отворат, а тоа се прави со цел да може лесно да се „чита“ и следи вашата активност на само една или 2-3 веб страни во дадено време. Овој процес може да го иницира Интернет Сервис Провајдерот - ИСП по наредба на јавен обвинител или по барање на некоја од безбедносните служби.
(Ова може многу лесно да се утврди кога настанува, и за тоа е потребен Тор прелистувачот, преку кој доколку ви се отворат веб страните со нормална брзина тоа значи дека ви се случува горенаведениот процес и дека вашата комуникација е предмет на пресретнување/следење.)
12. Што е пингирање?
Испраќање на краток фреквентен сигнал кој е доволно долг мобилниот апарат во кој има активна сим-картица да го прими сигналот преку базната станица, но без самиот мобилен уред да заѕвони. Пингот е како еден вид безжично допирање само за да се провери дали телефонот е уклучен или не, и која е неговата физичка локација во моментот според ГПС. Ако мобилниот апарат ви стои близу до звучници, тие ќе го фатат пингирањето и ќе се слушне грчење, односно зуење на звучниците.
13. Што гледа Интернет сервис провајдерот - ИСП-то?
ИСП ги гледа линковите кои ги отворате преку обичните прелистувачи како Internet Explorer, Mozilla Firefox, Google Chrome, Safari, Opera.
ИСП ги гледа и HTTP и HTTPS страните кои ги отворате, но податоците кои ги разменувате низ HTTPS се енкриптирани и не можат да бидат „прочитани“ во вашиот лог на активност кај ИСП.
ИСП ги гледа сите мрежни порти кои ги отворате спрема Интернет, на пример ја гледа и Порта:80 која се отвора кога преземате торент или кога користите т.н. торент протокол и корисник-до-корисник
врска (peer-to-peer).
ИСП знае што преземате (симнувате) од Интернет или качувате (аплоадирате) на Интернет, само доколку се работи за директен линк до датотеката.
14. Дали безбедносните служби ги следат форумите во кои членувате, и зошто?
Верувајте дека многу македонски портали и форуми се во нивно поседство или во водство на лица вработени во службите. Огромен предмет на интерес се форумите поради различните
теми, пред се политички и општествени по кои членовите на форумите од кои најголем дел граѓани на Р.М. ги споделуваат своите мислења и ставови.
Исто така на многу од овие портали или форуми се пласираат вести кои би требало да поминат незабележително а истите се тесно поврзани со моменталната политичка ситуација, иако на прв поглед не
изгледаат така. Пластичен пример за ова е кога излезе веста дека Никола Груевски (поранешниот премиер) побегнал во Унгарија, и дека се наоѓа во Будимпешта (13.11.2018г.) на истиот ден два стари
македонски портали објавија статии за „Убавините и причините за посета на Будимпешта“.
Што се однесува на странски форуми – службите контактираат со сопственикот и често го купуваат форумот или доколку тоа е прескапо или невозможно т.е. сопственикот не сака да го продаде се
договараат да им продаде администраторски/модераторски акаунт, преку кој ќе можат да се видат IP адресите од каде пристапувате и коментирате.
15. Дали во Македонија има мобилни опреми за прислушување?
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски запрашан по прашањето во емисијата „360 Степени“ не негираше постоење на мобилни опреми во приватно поседство.
ПРАШАЊА ОД ВИДЕО НАДЗОР И ЗАШТИТА НА ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
1. Каде може да се постави приватен видео надзор?
Во дворно место ако постои или дома во домот, а ако се работи за јавна површина само доколку со него се штити културно богатство од многу мало растојание помеѓу камерата и
предметот на заштита. Пример. Камерата да биде на метар-два пред споменикот кој се снима, а не во средината на паркот каде е поставена.
2.Дали некој може да постави видео надзор во повеќестанбена куќа или зграда без дозвола на другите потстанари и да ги снима?
Не, за вршење на видео надзор во едностанбени и повеќестанбени објекти задолжително е потребна писмена изјава за согласност од сите сопственици, односно закупци на становите, според член 9-в од Законот за заштита на личните податоци.
3. Дали се снимаат улици и паркови?
Законски снимањето на јавните површини е забрането, се дозволува само во случаи на заштита на културното богатство. Како пример ќе го наведеме случајот кога на поранешниот
градоначалник на Велес, Славчо Чадиев, Дирекцијата за заштита на личните податоци му забрани да намести камери во парковите низ општината.
4. Кој се може да ги гледа приватните камери?
Оној кој ги поставил, фирмата која му ги поставила, а често и службите, преку споделување кое се врши на два начина, преку кабел т.е. физичко-директно поврзување, и преку IP-стриминг.
5. Дали досега се случило масовно протекување на лични податоци?
Во 2004 година се случи целосно протекување на комплетниот именик на единствениот тогашен мобилен оператор „Мобимак“. Во протекувањето настрадаа сите лични податоци на сите корисници кои до тој момент ги имало во базата на податоци на операторот, како што се: име, презиме, матичен број, адреса на живеење и претплатничкиот број/броеви на корисникот. Во базата имаше броеви од Владата, преку министерствата, Агенција за разузнавање, Армијата на РМ, до единици на КВОР, амбасади, претпријатија и сите граѓани кои во тоа време поседувале мобилен телефонски број. Овој именик, односно оваа база на податоци, во својот неизменет облик т.е. како 2 Microsoft Access датотеки, првата за припеид броевите, втората за поспеид броевите, заедно снимени на ЦД се продаваа за 100 денари на Авто пазарот во Скопје. Случајот со протекувањето на базата на податоци беше признаен и од претставник на „Мобимак“ кој во тоа време истото го изјави на телевизија во смисла на тоа дека им се случила кражба на податоци. Вкупно биле протечени лични податоци кои се однесувале на севкупно 415.222 претплатнички броеви.
6. Дали службите сликаат/фотографираат?
Во денешно време со појавувањето на социјалните мрежи оваа појава е драстично намалена, но во времето кога излегоа дигиталните апарати (2003-2010г.) во дискотеките низ Р. Македонија речиси секој викенд имаше фотографи кои ги овековечуваа настаните со стотици фотографии во професионален квалитет. Никогаш не се зборуваше за тоа, кои се тие луѓе, дали се фотографи со завршен курс за фотографија, дали имаат свои фотографски студија или се вработени во некое фото-студио, дали се најмени од сопственикот на дискотеката каде треба да се земе во предвид дека не сите фотографии во сите случаи беа објавени со логото на дискотеката во која беа направени, и скоро секогаш не беа објавени сите фотографии кои беа фотографирани.
Денес веќе во секоја дискотека има поставено квалитетен видео надзор, со што потребата од фотографирање е уште повеќе намалена.
ПРАШАЊА ОД УПРАВУВАЊЕ СО ДИГИТАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ И АНОНИМНОСТ
1. Дали постои безбедна и анонимна интернет мрежа која не може да биде надгледувана од интернет операторите и владините агенции?
Да, тоа е Тор мрежата.
2. Што се релеа?
Тор мрежата е составена од илјадници релеа што се всушност компјутери преку кои се пренасочува интернет сообраќајот на корисниците.
3. Дали постои безбеден и анонимен прелистувач (browser)?
Да, тоа се Tor Browser за Windows, Linux, MacOS и Android, како и Onion Browser за iOS.
4. Дали постои безбеден и анонимен месинџер?
Да, тоа е Briar.
5. Што е Onion Browser?
Тор прелистувачот за iOS (мобилен оперативен систем на Apple) се вика Onion Browser. Доколку користите iPhone, iPad, или iPod Touch можете да го инсталирате за безбедно и анонимно прелистување.
6. Што е Orfox?
Пред да излезе „Тор за Андроид“, Тор прелистувачот кој се користеше на Android беше Orfox. Моментално и Orfox и Тор за Андроид не се во активно развивање. Иако и двата се преведени на македонски јазик, сепак нова верзија со вградена македонска поддршка досега не е излезена, но можете да ги користите на англиски јазик.
7. Дали постои софтвер за анонимни видео и аудио повици преку Тор мрежата?
За време на работа врз проектот беа разгледувани и повеќе софтверски решенија кои не добија зелено светло да се најдат на оваа листа.
Меѓу нив имаше и такви кои примарна цел им е да обезбедат безбедни видео и аудио повици.
Ќе спомнеме две решенија кои се истакнуваат.
Првото решение е „TorFone“ - како што и самото име кажува се работи за „Тор телефон“.
Ова бил експериментален софтвер кој имал за цел VoIP - Voice over IP (мак. Повици преку Iнтернет) но под услов истите да се одвиваат преку Тор мрежата. Овој софтвер бил преполн со грешки и неговото развивање по добивањето на генерално лоши критики во текот на 2016 година е прекинато.
Второто решение е qTox - софтвер кој визуелно многу потсетува на Viber и Skype. Овој софтвер има успеано да постигне директна безбедна видео и аудио комуникација помеѓу двајца корисници, без да може истата да биде прислушувана/пресретната од хакери, но експлицитно е нагласено дека истиот може без проблем да биде надгледуван од страна на Интернет провајдерот или владините агенции.
Сепак операторите нема да бидат во можност да ја снимат комуникацијата односно да ја откријат нејзината содржина, но сепак знаат за дадена комуникација дека била остварена, и помеѓу кои лица и кога таа се одвивала.
За разлика од апликациите кои ја користат Тор мрежата и немаат централизирани сервери qTox има свои сервери. Ова означува дека постои цел која може да биде напаѓана.
Иако qTox за потребите на проектот е преведен на македонски јазик, поради горенаведените причини не наидe на наша поддршка и не се најде на конечната листа на препорачани апликации на овој проект.
Според извештајот на VirusTotal.com од 27.11.2018г. qTox не беше 100% чист од вируси, односно 2 од 70 антивируси го пронајдоа како заразен.
Наш совет е да НЕ ГО КОРИСТИТЕ qTox!
© 2018-2024, Управување со Дигиталната Безбедност и Анонимност, Жарко Ѓуров и Лилјана Ацковска. Сите права се задржани.
© 2018-2024, Managing with Digital Security and Anonymity, Zharko Gjurov & Liljana Ackovska. All rights reserved.